сеп 29

Постојат четири вентили за изразување на човековата илузија на слободата. Зборовите, делата, мислите и чувставата. Би рекла првите два се суштински, а вторите два цивилизациски.

Зборовите припаѓаат во групата на цивилизациски, побожемски или илузорни репери. Човек може да си земе слобода да каже што сака. Но на тој начин, во најмала мера може да звучи некултивирано и безобразно, па и дрско, или пак може да биде обвинет и осуден. (Авто)цензурата во едно цивилизациско општество, па уште повеќе во квази цивилизациско е логична последица.  Илузорно и глупаво е вербалната слобода да се зема како еден значаен фактор.

Во делата сме исто така ограничени во значителна мера. Не може некој да прави што ќе му текне. Или пак може се додека не ја загрозува слободата на другиот, но тоа е толку измешана територија, што тешко некој да може да ја одреди границата на личното. Можеби може да изнајде некој посоодветен начин и форма, но самата потрага по некое алтернативно решение Е цензура. Но не е се така заковано, или барем не мора да биде..

 Мислите и чувставата се оние што го чинат човекот. Буквално. Никој без Ваша волја не може да ги контролира, а со тоа и цензурира Вашите чувства и мисли. Тоа самите си го правиме. Или поточно кажано ги цензурирате убавите чувства и мисли, забранувајќи си себеси да бидете среќен зашто од друга страна пак, дозволувате да мислите дека не сте заслужни за среќа?! Секој го креира својот живот. Секој си дозволува онолку слобода колку што е среќен. Секој е слободен онолку колку што може да пронаоѓа различни начини да се реализира себеси. Ако процесот на едно дело е неконвенционален за овај свет и за ова време, слободниот по дух човек не се обесхрабрува препишувајќи си себеси за личен неуспех или кастрирана цензура.. не, тој знае дека тоа е правило кое не зависи од него. Уметничкиот вентил е секогаш добар избор. Кастриран е онај дух што не си дозволува да љуби, што не се гледа себеси како спасител на се она што му значи во животот.. кастриран и заробен во сопствените канџи е онај што не посега по она што го сака.

Но како и да е, по се изгледа не е лесно да чувствуваме и мислиме што сакаме, барем судејќи колку несреќа и депресија има наоколу. А можеби и се лажам, т.е. дозволувам да мислам во погрешен правец?!?

"Do what thou wilt shall be the whole of the Law."

сеп 14

rabbit.jpg

„… Два објекти, два електрона, створени заедно се вмрежени. Ако го пратиме едниот на другата страна на универзумот и ако на првиот му направиме нешто, и другиот реагира истовремено. Значи или информацијата патува бесконечно брзо, или во стварноста тие и понатаму се поврзани. Тие се вмрежени. Тие се вмрежани уште во моментот на Големата Експлозија. Тоа значи дека и понатаму се допираат или остануваат вмрежани. Просторот е само конструкт кој дава илузија дека постојат раздвоени објекти….
Секој потајно е авантуриста. Секој ја сака авантурата. Во прашање е само првиот чекор. Еднаш кога ќе имаат момент на сознание, тој момент носи фрекфенција, носи порака. Келиите на телото се оживеани со можноста. Оживеани се со непознати потенцијали. Оживеани се со идната историја или со идната шанса која може да ги одведе уште малку подлабоко во зајачката дупка. И ако си дозволат себеси да искусат и неприлика и фрка.. и мистицизам.. и можност, да кога ќе излезат од зајачката дупка бидат друга личност – тие и навистина се друга личност. Потоа одат назад во својот свет.  И затоа што ја обработија информацијата и оставија свој отпечаток на умот и мозокот нивната перцепција на светот веќе никогаш нема да биде иста….
 Што е со луѓето зависни од секс? Сексот сам по себе е изум кој ни овозможува да гледаме во иднината….
 Ние никогаш не се реинкарнираме во „те сакам толку многу“ луѓе. Ние секогаш се реинкарнираме во ситуации поради кои се мразиме себеси...
 Ако не ги гледате замките, морате да поминувате срања се додека не ги видите замките. Тоа е твојата единствена машина за учење. Тоа е единствениот пат да почнеш да разбериш нешто ново. Универзумот ти ги носи тие ствари пред твојата врата и постои учење во нив за тебе. но само ако си волен да се огледаш во нив и волен да мислиш подалеку од ригидното мозочно подесување…
Земете ја оваа претстава за вмрежан универзум и применете ја на човечкото искуство, зошто и човечкото искуство е дел од универзумот исто така. Па да претпоставиме дека и искуството е вмрежано – тогаш како би се манифестирало? Ако постои поврзаност со друг ум, тоа го нарекуваме телепатија. Ако постои поврзаност со некој друг објект таму некаде, тоа би го нарекле јасновидост. Ако постои поврзаност помеѓу трасата и времето, тоа го нарекуваме прекогниција (предзнаење). Ако постои поврзаност во која на некој начин мојата намера се исполни во светот – тоа би можеле да го наречеме психокинеза или лечење на далечина или нешто слично. Така може да одите низ листата на 12 врсти психички искуства кои добиле имиња низ годините, иако телепатијата е всушност само врв на ледениот брег….
Она што квантната физика беше во 20 век, што и да е нешто ново.. некое спојување на науката со духовноста – тоа ќе го одбележи 21 век…
Сите ние ја креираме иднината. Сите ние го креираме тоа што е надвор од нас. Никој од нас не е невин во тој смисол. Ако постои нешто надвор што не ти се допаѓа, не може само едноставно да се оттргнеме од тоа, затоа што ние сме соучесници во создавањето вака или онака. И ние мораме да ги направиме вистинските работи, да се обидеме иднината да биде најдобра за сите нас. Нели е смешно? Она од што најмногу се плашиме е она што најмногу не возбудува….
 Има одреден смисол, во кој законите што ги имаме не прават интересни разлики како помеѓу минатото и иднината. На пример, загатката од фундаменталните закони на физиката: зошто да можеме да го паметиме минатото, а да немаме ист таков пристап на знаење кон иднината. Загатка од положба на овие закони зошто би мислеле како со сегашните постапки можеме да делуваме на иднината, но не на минатото. Овие работи што имаме различен пристап на минатото и иднината, што имаме различен начин на контрола со дејствувањето сега на иднината, отколку што имаме на минатото, се толку важни за начинот на кој го чувствуваме светот што… ми изгледа, да не се биде радознал за нив е како да сте три четвртини веќе мртов човек….
Сега имаме супериорна технологија, од антигравитациони магнети и магнетни полиња и нулта енергија… го имаме сето тоа, а сеуште го имаме тој грд суеверен назаден концепт за Бог. Луѓето паѓаат во линија кога им се закануваат со космички пресуди за бескрајна казна. Но Бог не е таков. И кога ќе отстапите од традиционалните слики, карикатури на Бог, луѓето мислат дека сте неверник или атеист, или дека го растурате социјалниот поредок…..“

сеп 12

„… Научните експерименти дека ако на некој му го приклучиме мозокот на скенер и да го замолиме да гледа во некој предмет, тогаш некои места од мозокот како да светнуваат. Потоа, ако субјектот ги затвори очите, му сугерираме да го замисли предметот, ќе светнат истите места на мозокот како всушност да го гледа предметот. Тоа предизвика научниците да се запрашаат: „Па кој гледа?! Мозокот? Или очите?! И што е реалност?! Реалноста е тоа што го гледаме со мозокот или реалноста е тоа што го гледаме со очите? А вистината е дека мозокот не ја знае разликата помеѓу тоа што го гледа во околината и тоа што го памети, зошто тогаш се вклучуваат истите нервни мрежи. Па тогаш се поставува прашањето: Што е реалност?….

Нашиот мозок го гледа само она што ние веруваме дека е веројатно. ..Приказната за Индијанците, кога на Карибските острови, пристигнувале армадата на Колумбо, тие воопшто не ги гледале бродовите. Причината што не ги гледале бродовите е зашто немале знаење во мозокот, ниту искуство дека постојат бродови. Шаманот почнал да заприметува дека има прекршување на водата, но брод не гледал, па се запрашувал што го предизвикува тоа. Почнал да доаѓа секој ден и да гледа во водата.. и гледал… и гледал. После некое време ги забележал и бродовите. Кога ги видел бродовите им кажал на другите за нивното постоење. Зашто сите други му верувале на шаманот и тие ги виделе бродовите….

Како може некој да каже дека е заљубен во некоја личност? Тие се само заљубени во очекуваљето на чувствата кон кои се зависни. Зошто истата личност може да излезе наредната недела со некоја непослушност. А тоа… ја променува целата слика на нашите емоционални потреби и идентитети…

Прашувате дали чувствата се лоши. Чувствата не се лоши. Тие се животот. Тие го бојат нашето искуство. Нашата зависност е проблемот. Работата која повеќето луѓе не ја гледаат е кога ќе сфатат дека се зависни од емоциите дека тоа не е само психолошки, туку и биохемиски. Размислете за ова. Хероинот ги користи истите приемни механизми на келиите кои хемиски ги користат емоциите. Лесно е да се види дека ако може да бидеме зависни на хероин тогаш може да сме зависни на нервните пептини и секое чувство…

За просечната личност во светот која го живее животот и го смета за досаден или неинспиративен, тоа е затоа што не направиле напор да соберат знаење и информации кои ќе ги инспирираат. Толку се хипнотизирани од нивната околина, преку медија, преку телевизија, преку луѓето, што живеат креирајќи идеали…“

 What the bleep do we know?!

сеп 10

Човекот не е создаден на тој начин, да умее да зборува за размислите што ги имал во минатото, а да не лаже. Уште повеќе за чувствата. Барем не свесно. Невозможно е да каже како се чувствувал порано, изјавата да биде веродостојна, а тоа чувство да не го поседува во моментот кога зборува. Никој не поседува меморија на чувства, па макар ни краткотрајна. Вдиши длабоко, изброи до десет и интезитетот веднаш ќе се десеткува. Со прераскажување на одредени моменти, повторно се преживуваат одредени состојби на свест, но со многу послаб интензитет. Дури и тогаш кога станува збор за најинтензивните шокови за телото и умот, после одредена временска дистанца тие стануваат „само“ добри и лоши моменти. Ги губат сите епитети. Ја губат сета поетичност. На истиот принцип функционира и менталниот склоп. Оваа доминантна мисла, станува рецесивна само миг покасно. Што се случува со неа после ден, месец, година?!

Смешното е што сите ова го има оссознаено, макар на некое суптилно ниво, па сепак во процесирањето на своето искуство – лажат. Лажат во обидот да се присетат како било, или пак со тоа што го складираат мислата или чувството во минатото. Вистината за минатото е дисјунктна: Или незнаат како било, или сеуште е така. Можеби тоа е и одговорот на прашањето на Даглас Адамс: Зошто луѓето имаат обичај да ги кажуваат работите што се очигледни?!- Зашто вистината за сегашноста е тафтологија, а тие не сакаат да лажат.

Меморијата што човекот ја има не е ниту ментална, ниту емоционална, таа е причинско-последична.

сеп 08

Во секого од нас живеат повеќе (ИД)етитети. Секој од нив живее со некоја причина, настојува да се реализира, со крајна цел да доминира над другите (олд) никови на себството. Алчно се бори да докаже дека таа карактеристика, препознатливост или особина кај господарот на телото е најпосебна, најдобра и со тоа ако не го поседува ексклузивитетот, човекот ќе го изгуби својот идентитет. Некои луѓе во зависност од времето во кое живеат, полот, возраста, стеоротипите, навиките… ја изразуваат работливоста, некои сензитивноста, некои разиграноста… Малкумина се добри господари на своето тело и ум, па добро го организираат своето време и простор, па сите посебности се реализираат во некоја пристојна рамнотежа со другите карактерни ентитети. Сите т.н. наши никови ги имаат истите карактеристики што ги имаат луѓето, работните организациии, државите. Тие се љубоморни, друштвени, воинствени, скржави, повеќе или помалку толерантни за разликите меѓу нив, повлечени, агресивни, педантни, немарни, самоуверени, духовни… Но исто како и во секоја друга надворешна организација, било општествена, државна, семејна.. сеедно, сите си се борат за свое место под Сонцето. Ако постои некој ентитет што не се реализира доволно, или пак доминира над другите, доаѓа до дебаланс на системот. Првиот симптом кај човекот е тагата, во работата незадоволството, во партијата се појавуваат фракции, кај народот разочарување, во семејството несогласување… Ако брзо не се идентификува закржлавениот сегмент во нас, или пак преекспонираниот доаѓа до целосен распад на системот и растројство кај човекот. Е сега, прагот на толеранција кај секој од нас е различен, па чуството на незадоволство кај поеластичните се развлекува цел живот полека кинејќи ги конците предизвикувајќи психосоматски заболувања, склоност кон зависности, општествено-социјални непреифаќања прво на локално, а потоа и на глобално ниво. Можно е уште една, за мене моментално многу интересна возможност, а тоа е поделеноста на системот (личноста). Сите ентитети функционираат засебно, реализирајчи се независно, несвесни за постоењето на другите. Тоа може да се случи од чиста ароганција, но и како бегство или излез од моменталната опасност по ентитетот, нешто како што Едварт Нортон го измисли Брет Пит во Fight Club на Финчер и Палахњук и го направи се она што не е тој.

Затоа од исклучителна важност е човек да ги запознае и да ги урамнотежи своите ентитети. Само тој што ќе се креира себеси на ваков начин, умее да го препознае и начинот на кој функционира надворешниот свет. Тој систем е потполно ист и функционира на истите принципи. Сите оние мали човечиња што живеат во нас играат посебни улоги и имаат свои репрезенти во општеството. И обратно, секој поглед што се лепи на нас е слика на тоа како светот не гледа нас. Тоа не е ништо друго, него универзалниот закон за акција и реакција.